Македонскиот славистички комитет е здружение на граѓани поврзани со заеднички научни интереси. Формирано е во 2007 година. Комитетот е член на Меѓународниот славистички комитет којшто обединува слависти  од 40 држави.


Г лавната дејност на Комитетот е да ги информира славистите за тематските подрачја на Конгресот, да ги собере нивните пријави и да изврши селекција за учество.

МСК го организира учеството на македонските слависти на меѓународните славистички конгреси и подготвува издание со реферати на македонските учесници како задолжителен услов за учество на националната делегација. Покрај тоа, МСК се грижи за застапеност на македонски претставници во меѓународните комисии на Комитетот. МСК помага во организирањето на славистички конференции и друг вид стручни и научни собири.

Најголемите славистички собири во светот организирани од Меѓународниот комитет на слависти, во којшто е застапен и Македонскиот славистички комитет, имаат речиси стогодишна традиција. Од 60-тите години на минатиот век македонските учесници се вклучиле во работата на конгресите. Наскоро потоа, секоја петта година, се објавуваше посебно издание со рефератите на македонските слависти кои учествувале на посочените конгреси. Во изданијата се објавени значајни трудови на доајени на македонистиката и славистиката, а преку нив се следи и развојот на оваа научна дисциплина во нашата средина.

Од досегашната работа на МСК може да се издвои организацијата на Меѓународниот конгрес на слависти во 2008 година во Охрид на кој учествуваа близу 1000 слависти од целиот свет и претставува најголем славистички собир одржан некогаш во нашата земја. За овој конгрес МСК објави повеќе публикации: книга на апстракти на сите учесници на Конгресот, програма, зборник на рефератите на македонската делегија на Конгресот и др.

За следните конгреси што се одржаа во 2013 година во Минск и во 2018 во Белград, МСК го организираше учеството на македонската делегација што подразбираше објавување на тематиката и информацијата за Конгресот, селекција на пристигнатите пријави, објавување на зборник со рефератите на македонската делегација и реализација на настапот на македонската делегација на самите конгреси. Во моментов течат подготовките за следниот конгрес на слависти што ќе се одржи во Париз.

Претседатели на Македонскиот славистички комитет

акад. Блаже Конески

акад. Божидар Видоески (до 1998)

акад. Милан Ѓурчинов (1999 - 2011)

проф. д-р Максим Каранфиловски (2011-2022)

проф. д-р Емилија Црвенковска

 

Членови на Меѓународниот славистички комитет

акад. Блаже Конески

акад. Божидар Видоески

акад. Милан Ѓурчинов ( до 2018)

проф. д-р Максим Каранфиловски (2018-2022)

проф. д-р Емилија Црвенковска

 

Претседател на Меѓународниот славистички комитет

акад. Милан Ѓурчинов (2003 - 2008)