Основната цел на Македонскиот славистички комитет е да соработува со Меѓународниот комитет на слависти во организирањето на меѓународни конгреси и научни состаноци. Здружението врши избор на македонските претставници на меѓународните конгреси на слависти што се оджуваат секои пет години и избор на македонски претставници во Меѓународниот комитет на славистите.
По Првата светска војна доаѓа до засилен развиток на славистиката низ Европа, а особено во новосоздадените словенски држави. Заедно со тоа расте и потребата за потесно меѓународно поврзување на славистите. Како повод за обединување е земена стогодишината од раѓањето на родоначалникот на славистичката наука Јозеф Добровски (1753-1829), па во негова чест во Прага во октомври 1929 е одржан Првиот меѓународен конгрес на славистите. Во организацијата на конгресите учествува МСК (Меѓународниот комитет ма слависти) оформен нешто подоцна.
Првите три конгреси се одржани пред основањето на Меѓународниот комитет на слависти: првиот во 1929 год. во Прага; вториот во1934 год. во Варшава и во Краков; третиот, Белградски конгрес, е откажан во предвечерјето на Втората светска војна во 1939 год.
Соработката на славистите од целиот свет е обновена на Меѓународниот состанок на слависти одржан во Белград 1955 год. Тогаш е оформен Меѓународен комитет на слависти (МКС) со што дефинитивно е конституирана меѓународна организација со цел да се возобноват и да се продолжат меѓународните врски во областа на славистиката.
Славистиката е наука со комплексен карактер која проучува различни области, почнувајќи од етногенезата на Словените, словенската писменост и култура, народната култура и сл. Запознавање на односите меѓу словенските јазици и култури, словенско-несловенските врски во значителна мерка придонесуваат во запознавањето на европската култура.